Ликовна колонија

Интернационална Ликовна Колонија ”Хотел Фени” –
Кавадарци

Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“, своето прво издание го доживеа во 2006 година.
По иницијатива на сопственикот на хотелот Никола Петровски, а во соработка со еден од најпознатите ликовни уметници од Кавадарци Ристо Соколов Сокол, во самиот хотел од 24 Јули до 4 Август 2006 година започна реализација на идејата во Кавадарци да творат уметници од повеќе земји и нивните дела да останат таму каде што се креирани – во Кавадарци.
Денес, по одржани четири изданија на Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“, слободно може да се каже дека оваа идеја се реализира во континуитет и самиот Хотел се претвора во своевиден галериски комплекс, со фонд на ликовни дела кој од година во година се зголемува. Секоја соба, секоја сала, секој ходник во „Хотел Фени“ се мали галерии на одлични ликовни дела.
Организацијата на оваа колонија опфаќа сместување, исхрана, посета на историски и културни знаменитости, обезбеден материјал за работа (платна, бои, штафелаи и др.), се во интерес на уметноста, се во интерес на уметниците, за кои се обезбедени одлични услови за работа. Ументиците враќаат со извонредни ликовни дела кои во секој момент се на увид на посетителите и гостите на Хотелот.
Оваа колонија докажува дека уметноста со подршка на вистински луѓе се вивнува до своите врвови. За среќа на уметноста во Кавадарци, со Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“, Кавадарци во името на сопственикот на „Хотел Фени“, Никола Петровски го доби првиот мецена на ликовната уметност.

Според зборовите на самиот сопственик и единствен финансиски и материјален покровител на колонијата, уметниците во преубавиот објект на „Хотел Фени“ уште многу години ќе уживаат во гостопримството и ќе ги имаат сите услови да ствараат вредни ликовни дела.
Со одржаните четири изданија на Меѓународната ликовна колонија „Хотел фени“, фондот надминува бројка од 150 реализирани ликовни дела. Зад успешните изданија на колонијата стојат Никола Петровски – сопственик на „Хотел Фени“, Ристо Соколов – Ликовен раководител на колонијата и Марјан Тодоровски – Медиумски координатор.

 

Првото издание на Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“ – 2006 се одржа во објектот на „Хотел Фени“, Кавадарци.Учесници: Ристо Соколов Сокол, Ванчо Кеков, Александар Тасевски Џинго, Соња Ѓорѓиева и Цветанка Темкова од Република Македонија; Весна Чанак, Ана Матејиќ, Миљана Тошиќ и Милан Кардаш од Република Србија; Иван Јовчев Ковацалиев, Радослава Влкова Недева, Марија Раичева, Станислав Олег Розинов и Динко Димитров од Република Бугарија.

Втората Меѓународна ликовна колонија „Хотел Фени“ – 2007 се одржа во конаците на Моклишкиот манастир „Свети Никола“.Учесници: Ристо Соколов Сокол, Ванчо Кеков, Цветанка Јованова, Ирина Титиева, Емилија Лазаревска, Тасим Кадрија и Трајче Влажевски од Република Македонија; Антонина Славева, Петар Брчев, Милка Белева, Ирена Парашкевова и Иван Ковацалиев од Република Бугарија; Реџеп Никшиќ и Светислав Славковиќ Кајзер од Република Србија. Специјални гости на колонијата беа професорите Костадин Танчев Динка и Владимир Величковски.

Третата Меѓународна ликовна колонија „Хотел Фени“ – 2008 исто така се одржа во конаците на Моклишкиот манастир „Свети Никола“. Учесници: Ристо Соколов Сокол, Ванчо Кеков, Татјана Медарова, Кирил Казанџиски, Нетка Димовска, Љубиша Ивановски Лепи и Трајче Павлов од Република Македонија; Катја Христова и Димитар Касабов од Република Бугарија; Адриана Пулеши од Република Албанија; Јован Пантовиќ, Светлана Цеца Крстиќ и Горан Ќеличанин – Ќелик од Република Србија.

Четвртата Меѓународна ликовна колонија „Хотел Фени“ – 2009 се одржа во реновираниот мултифункционален објект на „Хотел Фени“ во Кавадарци. Учесници: Ристо Соколов Сокол, Горан Боев, Кирил Казанџиски, Живко Пренџов, Цветанка Јованова, Дарко Трпчевски, Ацо Таневски, Блашка Миева, Санда Миева од Република Македонија; Јован Пантовиќ од Република Србија; Мариана Везарова, Бисера В’лева, Мариела Ивањилова, Емил Младенов и Мина Цветанова од Република Бугарија.

Петтата Меѓународна ликовна колонија ,,Хотел Фени“ – 2010 се одржа во мултифункционалниот модерен објект на Хотел „Фени“ во Кавадарци. Учесници: Ристо Соколов Сокол, Кирил Казанџиски, Мирко Вујисиќ, Новица Трајковски, Александар Нетковски, Цветанка Јованова, Васка Дудин, Надица Стоилкова, Маријана Шијаковска, Ѓоко Антониев, Маја Крстева и Дарко Трпчески од Република Македонија; Мирослав Јотов, Мариана Везарова и Петја Папазова од Република Бугарија; Ана Милетиќ, Јован Пантовиќ и Светислав Славковиќ од Република Србија.

Меѓународната ликовна колонија „Хотел Фени“ продолжува понатаму. Подготовките за шестото издание се веќе започнати и ќе донесе нови возбудливи моменти на кавадаречката ликовна сцена. Организаторите се особено задоволни што досега се реализирани повеќе репортажни ТВ емисии кои наидоа на голема гледаност и според интересот на медиумите е меѓу врвот на македонските ликовни колонии. Досега се реализирани пет целовечерниТВ емисиии на Телевизија Тиквешија и нациналната Македонска Телевизија, а информации за колонијата се достапни со едноставно пребарување на повеќе познати македонски и светски веб портали.

Мени